ЕЛЕКТРОНСКА ШАХОВСКА ТАБЛА

-ДИПЛОМСКА РАБОТА-

ментор: Јосиф Косев
Студент: Име и Презиме

Во оваа дипломска работа се обработува тематиката на електронска шаховска табла. Препознавање на позицијата на фигурите на таблата со помош на RFID читачи и RFID тагови, праќање до PC и нејзина обработка за добивање на одигран потег. Потегот понатака се прикажува на графички интерфејс. На крај целата партија се експортира во .pgn формат -стандард за зачувување на шаховски партии во дигитална форма.

Со напредокот на технологијата, како во сите други сфери, така и во шахот, произлезе идеа за дигитализација. Дигитализацијата во шахот ја носат електронските шаховски табли коишто во своите први зачетоци (1998) ги нуделе само основните опции а со тек на време станувале се пософистицирани. Во суштина, основната функција на електронската шаховска табла е добивање на позицијата на фигурите и од неа изнаоѓање на одиграниот потег. Ова се два многу важни проблеми кои електронската шаховска табла успева дигитално да ги реши. Временскиот бенефит којшто се добива во однос на класичните шаховски табли каде што играчите треба рачно да ги пишуваат одиграните потези и потоа тие да бидат внесени во дигитален формат е неспоредлив. Дополнително, покрај временскиот бенефит, се нуди и дигитален формат којшто лесно може да се пренесува во живо и анализира во реално време.

Идејата е следна, да се изработи дрвена шаховска табла која под секое од своите полиња ќе има RFID читач. 64 полиња, следува 64 RFID читачи за секое поле посебно. Соодветно на тоа, 32 шаховски фигури, следува 32 RFID тагови (уникатен ID), по еден за секоја фигура. RFID читачите кои што се наоѓаат под полињата ги читаат овие RFID тагови и така се знае положбата на секоја фигура на шаховската табла. Поради тоа што два RFID читачи поставени блиску еден до друг си пречат, т.е. се јавува интерференција, читањето на позицијата на фигурите на шаховската табла мора да се одвива во повеќе циклуси. Тука настапуваат локалните микроконтролери (x6), секој задолжен за одредена група на полиња. За правилна работа потребно е да се постави уште еден главен контролер којшто ќе ја синхронизира работата на 6-те локални контролери. Истовремено, тој главен контролер е задолжен и за енергетскиот дел на електричното коло, т.е. овозможување на различни RFID читачи во различен временски момент. Откако главниот контролер ќе ги собере податоците отчитани од локалните контролери, ги составува во правилен формат и ги праќа до WiFi модемот. Единствената функција на WiFi модемот е позицијата којашто ја добива од главниот микроконтролер да ја прати преку WiFi до програмата на компјутерот.