Асистивната технологија овозможува лицата со попреченост да бидат активни граѓани во општеството. Треба да е присутна и достапна секаде каде што луѓето имаат потреба: во домот, училишта, болници, маркети, банки, игротеки и сл., бидејќи го олеснува секојдневното функционирање. Потребата од производи на нашиот пазар кои го поддржуваат вклучувањето на лицата со попреченост во сите текови на живеењето доведе до соработка од која излезе корисен производ.
„На ФЕИТ постои голема традиција во негувањето на електротехниката, електрониката и новите технологии. Посебен акцент во своето делување факултетот му дава на општествената одговорност и давање придонес кон заедницата. Во тој контекст ФЕИТ има богата соработка со Здружението Отворете ги прозорците, која во последно време се интензивира. Како плод на таа соработка е денешниот проект кој претставува уред за асистивна комуникација. Ова е втора верзија на системот, а на неговиот развој до сега работеа четворица студенти од насоката КХИЕ на Институтот за електроника: Ѓорѓи Смилевски, Марија Гроздановска и Валерија Младеновиќ, со поддршка од Стефан Јанев. Посебно ми е драго што тие се одлучија проектот да го направат слободен софтвер и да го направат достапен на Гитлаб . Со ова проектот може понатаму да живее и да се развива како од нашите идни студенти така и од пошироката заедница. Конечно, проектот веќе го имаат опишано во труд  кој е прифатен за презентација во рамките на конференцијата ТЕЛФОР 2020 во Белград, Србија која е поддржана од најголемото светско здружение на инженери по електротехника и електроника ИЕЕЕ.“ – изјави професорот од ФЕИТ Бранислав Геразов.
„Апликацијата може да се користи на паметните уреди кои користат android оперативен систем, а секако не се исклучува можноста понатаму да се развие и верзија за iOS. Оваа апликација има функција на алатка и е направена да биде едноставна за користење бидејќи нејзината цел е полесно и поедноставно да се воспостави основна комуникација со околината. Принципот на работа на апликацијата е активирање на предснимени говорни пораки со притискање на полиња/копчиња. Во секоја од категориите се наоѓа множество од соодветни зборови. Секоја категорија и секој збор се објаснети со текст и со симбол или слика, во зависност од изборот на корисникот. Корисникот може да избере на кое ниво ќе го користи комуникаторот.  Се надеваме дека во иднина оваа апликација ќе продолжи да се надоградува и ќе прерасне во нешто многу поголемо и покорисно“, – објасни  Валерија Младеновиќ, една од четворицата креатори на апликацијата.
„Со цел потикнување и развој на комуникација со деца кои имаат говорни тешкотии во Отворете ги прозорците досега користевме говорни табли кои се доста скапи и ги нема на нашиот пазар. Искуството и предизвиците од користење на таблите, како и секојдневната работа со нашите корисници ни овозможија да дадеме придонес при создавање на комуникаторот „Говорко“. Дадовме насоки апликацијата да биде пристапна во однос на сликите кои се користат, контрастот, големината и бројот на полиња, можноста за избор на глас. Со еден збор: можност за прилагодување на потребата на секој корисник зависно од индивидуалните способности и можности“, изјави Марија Велиновска-Велковска, специјален едукатор во Отворете ги прозорците.
„Во рамки на нашиот центар  имавме можност и чест да ја тестираме оваа апликација со вкупно 30 деца, кои имаат потешкотии во комуникацијата. Децата со кои ја тестиравме апликацијата „Говорко“ беа невербални деца или деца со многу оскуден говор. Она што го забележавме е дека повеќето деца позитивно реагираа на апликацијата и покажаа знаци за склоност кон употреба на апликацијата за комуникација“ – изјави Маја Трајчова, специјален едукатор во Здружението за рана стимулација, развој и игра кај деца Креатива Исток .